Ќе се формира Агенција за квалитет во високото образование
На денешната владина седница е започната постапката за формирање на Агенција за квалитетот во високото образование. Најдоцна до 20 февруари 2019-та година, од редот на професорите во работен однос на јавните универзитети, Комисијата за именување на Владата треба да именува по 6 членови во одборот за акредитација и во одборот за евалуација на високото образование. По исто толку членови во двата одбори, до 20-ти овој месец, треба да именува и интеруниверзитетската конференција. Владата и укажува на Интеруниверзитетската конференција да избере по еден член од редот на студентите во двата одбора. По еден член во одборите имаат право да именуваат МАНУ и Организацијата на работодавачи на Македонија.
На седницата меѓудруго на предлог на Министерството за информатичко општество и администрација, министрите ја прифатиле информацијата за единствен веб портал за отворени податоци. На него ќе бидат објавувани каталози на отворени податоци на сите министерства и истите ќе бидат достапни секому. Со ова, Владата на Република Македонија дополнително ја зголемува транспарентноста и отчетноста кон граѓаните, стои во владиното соопштение.
Со усвојување на предлог – законите за изменување на законите за банки и за Управата за јавни приходи, се овозможува пристап на УЈП до приливите на граѓаните од страна на банките. Тоа на Управата ќе и овозможи да ги добива потребните податоци за изработка на претпополнетите пријави за данок на личен доход. Со предлог – законите за изменување на законите за банки и за УЈП, исто така, се гарантира и повисока безбедност на податоците со користење на најнова технологија, односно енкрипција на податоците, наведуваат од владината прес- служба.