Индија го презеде управувањето со стратешко иранско пристаниште
Индија и официјално го презеде управувањето со стратешкото иранско пристаниште Чабахар, потег што може да има значајни геополитички последици во регионот. Пристаништето на Индискиот Океан, отворено минатата година, во голема мера беше изградено од Индија, и се очекува да биде клучна рута за снабдување на Авганистан. Тоа ѝ овозможува на Индија да го заобиколи ривалот Пакистан во трговијата со Централна Азија.
Американскиот Стејт департмент минатиот месец го исклучи проектот Чабахар од санкции, признавајќи ја важноста на Авганистан. Целта е да се зајакне авганистанската економија и да намали зависноста на Кабул од странска помош, за да се ограничи нелегалната трговија со опиум, што претставува главен извор на приходи за талибанските бунтовници.
Њу Делхи има вложено околу две милијарди долари за развојот на Авганистан од соборувањето на талибанците во 2001 година.