Заев се сомнева дека Мицкоски е вмешан во бегството на Груевски
Премиерот Зоран Заев, во емисијата Отворено на ТВ24, изјави дека „се сомнева во вмешаноста на опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски, во бегството на Никола Груевски во Будимпешта“.
Тој своето сомневање го темели на нејаснотиите и тајноста на средбите на Мицкоски со премиерот на Унгарија , Виктор Орбан, и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, непосредно пред бегството на Никола Груевски. Заев рече дека „Мицкоски бил на средби кај едниот, па кај другиот, а притоа не објавил за што разговарал со нив“.
На прашањето дали тој имплицира дека претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Мицкоски, директно е вмешан и му помогнал на Груевски да избега, Заев одговори: „Да, имплицирам“.
Заев додаде дека еден од можните исходи од истрагата за бегството се странски разузнавачи.
„Дали работеле разузнавачи на други земји во нашата земја и што нашето контра-разузнавање за тоа? Ова е само како можност. Тврдам дека политичка умисла ниту кај Спасовски, ниту кај мене немало“, рече Заев.