Медведев најави забрана на украински стоки
Рускиот премиер Дмитриј Медведев најави забрана за украински стоки, вклучително земјоделски и индустриски производи, неколку дена откако беа додадени украински фирми и физички лица на листата на санкции на Русија.
Медведев денеска на својот профил на Твитер напиша дека руската акција била „одмазничка мерка против украинските ограничувања.“
Односите меѓу Русија и Украина се влошија по руската анексија на Крим во март 2014 година и нејзината поддршка за сепаратистите во источна Украина, каде загинаа околу 10.300 луѓе од април 2014 година.
Киев воведе санкции за руски граѓани и компании, акции и активности кои исто така беа преземени од Европската унија.
На 25 декември Медведев изјави дека потпишал декрет за проширување на листата на санкции со околу 200 индивидуалци и правни лица, за како што рече, одбрана на интересите на руската држава, компаниите и граѓаните.
На 1 ноември Русија воведе „специјални економски мерки“ против 322 украински индивидуалци и 68 компании. Санкциите вклучуваат замрзнување на безготовински сметки и други средства во Русија и забрана на капитални трансфери во Русија.