Судири меѓу полицијата и „Жолтите елеци“ во Париз
Полицијата и демонстрантите од движењето „Жолти елеци“ денеска се судрија на улиците на Париз, јавува новинската агенција Франс прес. Протестот почна мирно, но во близина на брегот на Сена и градското собрание демонстрантите почнаа со камења да ги гаѓаат полицајците, кои возвратија со солзавец. По судирите, полицијата ја мобилизира и единицата за сузбивање нереди.
Граѓанското движење „Жолти елеци“ повика на нови протести ширум Франција, пред зградите на градските собранија во Париз, Лион, Бордо, Тулуз, Ница, Безансон и Клермон-Феран. На Фејсбук беше најавено дека на протестите ќе биде прочитано отвореното писмо кое пред два дена му беше упатено на францускиот претседател Емануел Макрон. Во писмото се најавува продолжување на протестите сè додека значително не бидат намалени даноците за граѓаните и платите на високите државни службеници.
Движењето кое беше формирано преку социјалните мрежи протестира од 17 ноември против државните политики. Денешниот собир беше прв по новогодишната пауза.