Шекеринска: Протоколот за НАТО ќе биде готов веднаш по ратификацијата на Договорот во Грција
Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО ќе биде подготвен во моментот кога Преспанскиот договор ќе биде имплементиран и ратификуван од двете страни. Очекуваме дека нашиот дел од обврските ќе ги спроведеме навреме согласно плановите, и оти истото ќе го направи и Грција, изјави денеска вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.
„Сите претставници на НАТО, почнувајќи од генералниот секретар од самиот почеток на овој процес ја испратија пораката дека протоколот ќе биде подготвен во моментот кога Преспанскиот договор ќе биде имплементиран и ратификуван од двете страни. Ние очекуваме дека нашиот дел од обврските навреме согласно планови ќе ги спроведеме. Очекуваме дека истото ќе го направи и Грција“, рече Шекеринска на новинарско прашање по посетата на Караулата на АРМ Богородица на јужната граница.
Според неа, тоа практично значи дека се работи за неколку недели.
„Тоа значи дека практично од февруари Македонија ќе ја исполни својата стратешка цел. Ќе седнеме на масата на која се носат најважните одлуки што се однесуваат и на нашиот регион и на мирот и стабилноста во светот. Затоа и 2019 година е толку важна година, затоа е важно и она што се сработи минатата година“, порача Шекеринска.
Таа рече дека состојбата на јужната граница е стабилна, а припадниците на АРМ ги извршуваат своите задачи овозможувајќи им на граѓаните во овие празнични денови да бидат мирни и спокојни и да не ставуваат од опасност по безбедноста и стабилноста на државата.
За време на посетата, таа додаде дека е дискутирано за тоа кој систем да се подобри, на кој начин да се зголеми соработката помеѓу различните институции и на кој начин да се подобри опремата со која располага АРМ.