Белорусија го укина лимитот за американски дипломати
Белорусија го укина долгогодишниот дозволен лимит за бројот на американски дипломати во земјата, објави американскиот магазин Форин полиси. До овој чекор доаѓа по неколкумесечниот засилен ангажман на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во Белорусија и се смета за дипломатски напредок во земјата, во време кога односите меѓу Минск и Москва се нарушени поради енергетскиот спор.
„Ова е голем чекор. Ова е почеток на затоплувањето“, вели неименуван американски претставник за Форин полиси.
Белорускиот министер за надворешни работи Владимир Макеи вчера телефонски го информирал американскиот помошник секретар за европски и евроазиски прашања, Вес Мичес, за одлуката, наведува магазинот, повикувајќи се на два дипломатски извора.
Стејд департментот не даде коментар на темата, велејќи дека нивните прес-операции се редуцирани поради привременото затворање на владините институции, зашто не е донесен буџетот.
Белоруските власти потврдија дека се работи на подобрување на дипломатските односи со САД, дека имало телефонски разговори, но оти не можат да откријат за што се разговарало поради дипломатска етика.
До ова доаѓа во време на затегнати односи меѓу Белорусија и Русија за цената на енергенсите. Лукашенко вчера ја предупреди Русија дека би можела да изгуби сојузник ако не понуди компензација за зголемените цени на нафтата.
Москва и Минск имаат спор за енергенсите кој може да ги расипе односите меѓу двата соседи и сојузници.
Лукашенко наведе дека одбивањето за надоместок на Русија може да доведе до „губење на единствениот сојузник на западот“.
Белорускиот лидер, кој владее со земјата скоро 25 години, се потпира на заемите и на евтините енергенси од Русија. Белорусија извезуваше евтини производи благодарение на евтината руска нафта, а поради одлуката на Москва за зголемување на цените на суровата нафта, Минск би можел да изгуби милијарди долари приходи.
Последниот американски амбасадор во Минск беше протеран во 2008 година, откако САД воведоа дополнителни санкции против Белорусија поради влошувањето на човековите права и авторитарното владеење на Лукашенко. Исто така беа протерани 30 од американски 35 дипломати во земјата.
Од 2008 година, Белорусија го ограничи бројот на американски дипломати во земјата на пет, а потоа го зголеми тој број на 10 дипломати. Магазинот наведува дека во земја со големина на Белорусија, во амбасадите на САД вообичаено има околу 30 вработени, не сметајќи го тука и локалниот персонал.