Калеска -Ванчева: Пратениците ќе гласаат за усогласениот текст на Законот за спречување на корупција
Снежана Калеска -Ванчева, пратеничка од СДСМ и коалицијата соопшти дека денеска пратениците во Собранието на Република Македонија ќе гласаат за усогласениот текст на реформскиот Закон за спречување на корупцијата и судир на интереси, со којшто конечно Македонија ќе добие силна и независна институција за борба против корупцијата.
Таа наведе дека Новата Државна комисија за спречување на корупцијата добива сериозни надлежности во контролата на финансирањето на политичките партии и во време на изборна кампања, но и во следење на законитоста на нивното редовно финансирање.
"Со новото законско решение се врши допрецизирање на одредбата која овозможува директен увид во банкарските сметки, но само по покрената постапка.Се овозможува увид во базите на податоци од 17 институции, меѓу кои и МВР, УЈП, Катастар, Царина, Централен регистар, Комисија за хартии од вредност…"соопшти пратеничката на СДСМ. Таа додаде дека се формира Секретаријат кој ќе обезбеди неспречено спроведување на надлежностите,како и дека се зајакнува финансискиот капацитет на Комисијата, но и на вработени за кои се обезбедува додаток на плата до 30 проценти.
Калеска -Ванчева наведе дека вака усогласениот Предлог закон кој, верува дека денеска едногласно ќе биде усвоен , обезбедува строги и прецизни критериуми за избор на нов состав на ДКСК и дека се оневозможува секој кој имал каква било врска со одредена политичка партија во последните десет години да се кандидира за член на ДКСК.
Таа рече дека Пратеничката група на СДСМ и Коалицијата е убедена дека преку конструктивен и ефикасен процес ќе се избере нов состав на Антикорупциската комисија, која непречено ќе го следи изборниот процес што следува.
Собранието денеска попладне треба да гласа за Предлог на закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси, по скратена постапка.СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ по вчерашните недоразбирања постигнаа согласност за овој закон.