Бектеши: За барањата на пазарџиите надлежно е Собранието
Со меѓусебни разговори може да се разрешат состојбите со протестите на пазарџиите во Скопје околу примената на Законот за трговија на зелените пазари, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши по посетата на неколку компании во тетовско.
Тој посочи дека за барањето околу одложувањето на примената на Законот или негово укинување како Министерство немаат надлежнот, туку тоа е надлежност на Собранието.
„Во моментот на усвојување на овој Закон во јануари минатата година единствена комора што тогаш работеше и што упати барање за издавање на лиценци за продажба на зелените пазари беше Комората на трговци на Македонија. Другите комори што сега упатуваат барања за и тие да учествуваат во издавањето вакви лиценци се формирани многу подоцна. Како Министерство сме обврзани да ги спроведуваме обврските што произлегуваат од овој Закон и единствена наша надлежност беше носењето на подзаконските акти и правилниците што и го направивме“, рече Бектеши.