СДСМ вечерва на Централен одбор ќе одлучува за двојни избори
![СДСМ вечерва на Централен одбор ќе одлучува за двојни избори](https://gdb.rferl.org/E59B42D3-EA89-43D2-A01B-B59D83483349_cx0_cy5_cw0_w800_h450.jpg)
Централниот одбор на СДСМ, вечер на седница треба да одлучува за отпочнување постапката за номинирање претседателски кандидати и за можноста заедно со претседателските да се одржат и предвремени парламентарни избори.
Премиерот Зоран Заев на прес-конференција минатата недела во Владата изјави дека дебатата за можноста за одржување претседателски заедно со предвремени парламентарни избори е отворена, и оти денеска ќе се одржи седница на Централниот одбор на СДСМ, кога може да биде донесена одлука, а постои можност таа да биде донесена и по неколку дена.
Тој нагласи дека е сигурно дека ќе почнат постапките за номинирање на кандидати за претседател на државата и кандидати за градоначалници на Ново Село, Охрид и Дебар, каде заедно со претседателските ќе се одржат и избори на градоначалници.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвини дека СДСМ две недели бега од избори. Тие уште еднаш побараа заедно со претседателските да се одржат и предвремени парламентарни избори.