Ракетниот договор во опасност
Состанокот помеѓу претставниците на НАТО и на Русија не даде резултат во решавањето на спорот околу новата руска крстосувачка ракета, за која Алијансата тврди дека е закана за Европа, рече денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. По разговорите во Брисел, Столтенберг рече дека еден од главните ракетни договори од Студената војна сега е во опасност и оти досега нема напредок. Договорот за нуклеарни сили со среден досег меѓу тогашниот СССР и САД од 1987 година забранува производство, тестирање и распоредување на копнени крстосувачки и балистички ракети со досег меѓу 500 и 5000 километри. Тој договор е столбот на европскиот безбедносен систем, зашто го ограничува ризикот од нуклеарен напад. Вашингтон и НАТО сега ја обвинуваат Русија за прекршување на договорот со развојот на ракетата 9М729, позната и како ССЦ-8. Москва негира дека го прекршува договорот, велејќи дека ракетата ССЦ-8 има досег од 480 километри. Русија ги обвинува САД дека бараат изговор да го напуштат договорот за да може да започнат нова трка во вооружување. Вашингтон соопшти дека ако Русија не почне да го почитува договорот, САД на 2 февруари ќе почнат шестмесечен процес за повлекување од договорот. Досега 29 жртви на епидемијата на грип во Хрватска Според податоците на Заводот за јавно здравје на Хрватска, во последните седум дена од грип починале уште 20 луѓе, со што вкупниот број на жртви на грип до вчера достигнал 29 лица. Претставници на Заводот рекле дека динамиката на движењето на бројот на болни од грип годинава е на ниво од претходната. Исклучок е втората седмица од почетокот на сезоната во која е регистриран поголем број заболувања во споредба со истиот период минатата сезона. Докторот Фран Михаљевиќ од Инфективната клиника изјави дека епидемијата го достигнала врвот, и оти нема повеќе вакцини.