Џафери собраниската седница ја води на албански јазик
Претседателот на Собранието Талат Џафери денешната седница за пратенички прашања за започна на албански јазик. Тој тоа го најави претходно денеска на средба со новинарите. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски имаше забелешки за чекорот на Џафери велејќи дека го крши Деловникот, законите и Уставот. На тоа претседателот на собранието одговори дека постапува според законот за употреба на јазиците кој е на сила.
Претходно Џафери на средба со новинарите рече дека за поставувањето на двојазични табли на зградата на Собранието, ќе се испочитува рокот од шест месеци, но бидејќи таблите ќе треба да се менуваат и согласно Договорот за промената на името на државата, тоа ќе се направи наеднаш за да не се прават двојни трошоци.
Што се однесува на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за распуштање на Собранието и распушување на предвремени парламентарни избори, претседателот на Собранието вели дека тоа ќе биде ставено на дневен ред кога ќе биде постигнат договор за техничка Влада 100 дена пред избори, односно ако иницијативите добијат поддршка од 61 пратеник. Нопарламентарните избори не можат да се одржат истовремено со претседателските избори, бидејќи рокот од 100 дена е веќе прекршен.
Џафери на 8 февруари ќе ги распише редовните претседателски избори кои треба да се одржат на 21 април и на 5 мај. Доколку во вториот круг не се постигне цензусот од 40 отсто излезност и не се избере претседател на државата, Џафери рече дека тој ќе ја преземе функцијата претседател на Македонија и дека во рок од шест месеци ќе се распиша нови избори.