Брод со мигранти доби дозвола да влезе во Италија
Хуманитарен брод кој превезува 47 мигранти пристигна денеска во сицилијанското пристаниште Катанија и покрај стравувањата на екипажот од истрага против нив и во услови кога екстремно десничарскиот министер за внатрешни работи на Италија се обидува да ги спречи новите пристигнувања на мигранти.
Бродот кој плови под знамето на Холандија чекаше да се закотви на пристаништето во Сицилија откако на 19 јануари спаси мигранти во Средоземното Море. Денеска бродот конечно доби дозвола од италијанскиот премиер да пристигне на пристаништето откако шест други земји се согласија да ги примат мигрантите.
На бродот имало и 15 малолетни лица.
Обвинителот во Катанија е познат по својата агенда против невладини организации за спасување на море, а италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини пак обвини дека бродот директно се упатил кон Италија наместо да ги превезе мигрантите во поблиските пристаништа во Либија или во Тунис. Тој рече дека сака да ги забрани сите бродови кои пренесуваат спасени мигранти да влезат во италијански води. Од невладините организации велат дека се обиделе, но не успеале да добијат одговор од Триполи или Тунис.