Влада на РМ- в среда потпишување на протоколот за членство во НАТО, Грција прва ќе го ратификува
На 6 февруари амбасадорите на земјите членки во Северно-атлантскиот совет на НАТО ќе дадат согласност за членство на нашата земја во НАТО, потврдуваат и од Владата по официјалната информација од Алијансата за церемонијата што ќе се одржи в среда во Брисел.
“Согласно утврдената постапка за прием на нови членки во НАТО, како и според чекорите што произлегуваат од Договорот од Преспа, во среда, на 6 јануари, амбасадорите на земјите членки на НАТО во Северно-атлантскиот совет, ќе го потпишат Протоколот за пристапување во членство на нашата земја во НАТО, со новото уставно име Република Северна Македонија”, наведуваат од Владата.
Од таму додаваат дека со овој чин, 29-те земји членки ќе ја изразат својата согласност нашата земја да станеме дел од системот и процедурите на НАТО, и учествува во работата на телата на алијансата како поканета земја членка, без право на глас.
“Веднаш по согласноста за Протоколот за пристапување во членство на нашата земја во НАТО, ќе започне и почнува процесот на негова ратификација во парламентите на секоја од земјите членки на алијансата. Грција прва ќе го ратификува Протоколот, по што Договорот од Преспа стапува во сила и уставните амандмани влегуваат во сила”, пишува во владиното соопштение.