Отписот на долговите за струја не е на товар на граѓаните, тврдат од Владата
Отписот на долговите за електрична енергија се однесува на заостанатите долгови на граѓаните заклучно со август 2005 година, односно до моментот од кога ЕВН ги презеде долговите од државната компанија ЕСМ. Освен долгот за струја, во предвидениот отпис е опфатен и долгот за радиодифузна такса која до тој период се прибираше преку сметките за струја, информира Владата.
Бројката на граѓани опфатени со овој отпис на долгови, посочуваат од владината прес-служба, е утврдена во консултација со ЕЛЕМ и ЕВН врз основа на бројката на оптужени должници и изнесува околу 200 илјади граѓани.
„Во голем процент станува збор за граѓани од ранливите категории население, како корисници на социјална помош и пензионери. Со отписот на долговите, граѓаните опфатени со оваа мерка се ослободуваат и од натамошните бирократски и административни постапки, кои освен олеснување од правно-процедурален аспект, за граѓаните значи и ослободување од сите идни трошоци поврзани со извршителски, нотарски и судски такси и трошоци за постапки на извршување“, велат од Владата.