Одложена седницата за одземање на имунитетот на Димовски
Собранието денеска ја отвори расправата за имунитетот на пратеникот и поранешен министер за земјоделство Љупчо Димовски, по барањето за негов притвор од Кривичен суд. Павле Богоевски, претседател на Комисијата за деловнички и мандантно имунитетни прашања посочи дека Собранието согласно процедурите по кои постапува треба да им овозможи на судовите непречено да ја извршуваат својата работа.
Тој ги демантираше тврдењата на опозицијата дека Собранието врши политички прогон. По неговото обраќање, собранискиот спикер Талат Џафери ја одложи седницата и нагласи дека ќе биде презакажана. За збор за расправата за имунитетот на Димовски се јавија повеќе пратеници.
Димовски, заедно со уште двајца поранешни министри за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков и Ацо Спасеновски, како и поранешниот заменик-министер Кристијан Делев се под истрага за злоупотреба на службена положба и овластување при доделување на земјоделска помош и давање под закуп државно земјоделско земјиште со што предизвикале штета од над 1,4 милиони евра на Буџетот.