Маргарита Цаца Николовска: Да продолжи истрагата за предметите кои СЈО не ги доврши
Факт е дека сите политички партии се согласија за формирањето на СЈО. Неговото минизирање сега, како што прочитав во одредена медиумска презентација дека „Специјалното јавно обвинителство е мртво“, јас лично сметам дека осомничените нема да може да се ослободат од кривична одговорност на овој начин. Сепак има правен систем кој мора да најде начин предметите во кривичната област да се процесуираат и на овој или оној начин да дојдат до крајно решение, рече поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права Маргарита Цаца Николовска, одговарајќи на новинарско прашање по презентацијата на Мониторинг извештајот за работата на Судскиот совет на РМ.
Врховниот суд донесе начелено правно мислење со кое се запираат истражните постапки на Специјалното јавно обвинителство, но како што додаде Николовска, осомничените нема да се спасат од кривична одговорност и дека правниот систем во Македонија треба да продолжи со истражните постапки на предметите кои СЈО не успеа да ги доврши.
Врховниот суд, според неа, нема надлежност да го толкува Законот за СЈО, туку тоа треба да го прави единствено Собранието или пак Уставнот суд доколку е проблематична содржината на Законот.
„Очигледно дури сега одредени лица смогнале храброст и снага да го направат тоа. Но, ако некој смета дека со ова начелно мислење одредени лица ќе бидат ослободени од кривична одговорност, тоа би било катастрофа во Македонија. Не навлегувам во содржината на правното мислење, ако воопшто тоа е содржина, бидејќи е само препишан текст од Законот без да се елаборира“, рече Николовска и додаде дека во Законот за СЈО никаде не стои дека е забрането покренување истрага по изминување на 18 месеци од преземање на материјалите.