Антикорупциска ќе ги проверува најновите вработувања, проектите на Министерството за култура и Фондот за иновации
Претседателката на Антикорпциската комисија, Билјана Ивановска, изјави дека Комисијата по сопствена иницијатива ќе ги истражува последните вработувања на лица блиски до функционери.
„Ќе побараме да ни ја достават целокупната документација од спроведените постапки за вработувањата. По истражувањето и анализата јавноста ќе биде запознаена со наодите“, рече Ивановска и додаде дека ќе ги истражат и случаите поврзани со одобрувањето на проектите од годишната програма на Министерството за култура, како и претходно актуелните случаи со доделувањето грантови од Фондот за иновации. Ќе се испитуваат и сите случаи каде, како што рече, ќе се појават елементи на незаконски и со коруптивни корени предмети.
„Ќе го испитаме тој случај во однос на процедурата, постапката, критериумите. Ќе ја побараме документацијата, ќе ја истражуваме и за тоа ќе ја известиме јавноста. Ќе го искористиме и правото од член 17 од законот да вршиме антикорупциска проверка на законите и да кажеме каде треба да се зајакнат да не дојде до вакви случаи, што впрочем е и една од улогите на Комисијата да делува и превентивно“, рече претседателката на ДКСК.