Идната недела нова средба на заедничката комисија на Северна Македонија и Бугарија
На 19 и 20 февруари во Скопје ќе се одржи четвртата средба на Заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања на Република Северна Македонија и Република Бугарија, информираат од македонскиот тим на заедничката комисија.
“На средбата е предвидено да продолжат дискусиите по точките од минатата средба кои се однесуваат на одбележување на јубилеи поврзани со потенцијални историски личности и настани кои би претставувале мост на поврзување помеѓу народите на двете држави. Истовремено, на средбата во Скопје ќе се продолжи со дискусијата по забелешките за учебниците по историја во насока на надминување на спорните историографски толкувања на минатото”, информираат од македонската страна.
Последната средба на комисијата се одржа во Софија на 29 и 30 ноември 2018 година.