Во тешка состојба 9 пациенти од сообраќајната несреќа кај Ласкарци
Министерот за здравство Венко Филипче и директорот на Ургентниот центар Илир Хасани информираа денеска дека на КАРИЛ се сместени четворица пациенти со сериозни повреди од сообраќајната несреќа кај селото Ласкарци. Вчеравечер во Ургентниот центар бил префрлен и пациент, кој претходно бил сместен на одделение во болницата „8 септември“.
Според министерот, девојката на која и беше ампутирана ногата, по две операции, се уште е во тешка, критична состојба, а во тешка состојба се и други тројца пациенти.
Хасани за мажот кој им подлегна на повредите рече дека бил примен и опериран меѓу првите пациенти кои се донесени на клиниката, но поради сериозноста на повредата следниот ден бил повторно ревидиран и била направена хемостаза и обид да се спречи тешкото згмечување и крварење на белиот дроб. После интензивен конзервативен и оперативен третман на пациентот почина во утринските часови.
Министерот Филипче изјави дека во болницата „8 Септември“, во интензивна нега се сместени пет пациенти. Двајца и понатаму се на респираторна машина, состојбата во однос на вчерашниот ден не е променета и тројца кои не се на респираторна машина, но имаат тешки повреди и се во критична состојба, информираше министерот.