Рикер: Целта на САД е усогласена со аспирациите на луѓето од регионот
Политиката што САД ја спроведува на Балканот, а со тоа и во земјава, се поклопува со интересите и аспирациите на земјите за членство во ЕУ и НАТО, рече идниот помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Филип Рикер по денешната средба со премиерот Зоран Заев во Скопје.
“Нашата цел е усогласеност со аспирациите на луѓето кои живеат во овој регион. Други земји можеби сакаат да го зголемат своето влијание на Западниот Балкан, вклучително и тука во Северна Македонија. САД е посветен пријател на сите овие држави кои изразија желба да се приклучат кон ЕУ и работат на реформите, и ја изразија својата желба да станат земји членки на НАТО, што веројатно е најуспешната одбранбена мировна Алијанса во светот, рече Рикер одговарајќи на новинарско прашање.
Тојповторно истакна дека Договорот од Преспа е мошне значаен момент и оти по тоа што било постигнато со него јасно се гледа патот на Северна Македонија да стане 30 членка на Алијансата.
Премиерот Заев по средбата рече дека Република Северна Македонија станува стабилен стратешки партнер на САД.
“Заедно сме фокусирани и посветени на безбедноста, на слободниот и непречен развој во регионот во услови на постојана поддршка на демократскиот просперитет. Како партнери со заеднички стратешки интереси, како партнери во НАТО нашата заедничка цел е борба против тероризмот и екстремизмот и заеднички акции во однос на сите закани за регионот и пошироко”, рече Заев.
Додаде дека поддршката од САД за земјава била постојана и голема во сите изминати години а, како што рече, особено била поддршката и охрабрувањето од највисоките државници на САД во решавање на спорот со Грција чија круна е Договорот од Преспа.
Рикер пред средбата со Заев, се сретна со вицепремиерите Кочо Анѓушев и Бујар Османи, со министерот за надворешни работи Никола Димитров, како и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и претседателотна ДУИ Али Ахмети.