Меј – Ако Договорот не помине, Брегзит ќе биде изгубен
Британската премиерка Тереза Меј денеска ги повика пратениците да го поддржат нејзиниот договор со ЕУ за Брегзит, наведувајќи дека доколку „Договорот не помине, тогаш Брегзит ќе биде изгубен“. Новинската агенција Асошиејтед прес наведува дека гласот на британската премиерка бил „сведен на груб шепот“ додека зборуваше во Долниот дом на парламентот каде што почна расправата за Договорот за излез на Велика Британија од ЕУ, пред гласање во текот на денов.
Меј рече дека издејствувала „подобрувања“ со ЕУ во однос на договорот што британските пратеници го отфрлија во јануари.
Сепак, многумина пратеници кои се изјаснија за Брегзит и понатаму сметаат дека договорот „ја држи Британија премногу врзана за Унијата“ и најавија дека ќе гласаат против договорот. Велика Британија е во временски теснец затоа што има помалку од три недели од излегувањето од ЕУ предвидено за 29 март.