Велика Британија ги приземји авионите Боинг 737 по несреќата во Етиопија
Велика Британија го забрани летањето на авионите Боинг 737 MAX над нејзиниот воздушен простор, со тоа придружувајќи им се на Австралија, Кина, Малезија, Сингапур и други земји кои го приземјија ова летало.
Британското цивилно воздухопловство денеска соопшти дека „мерките за претпазливост“ ќе останат во сила до наредно известување, по уривањето на авионот Боинг MAX 8 на Етиопиан ерлајнс во неделата, при што загинаа 157 патници и членови на екипажот.
Ова беше втора фатална несреќа на тој модел на авион за помалку од пет месеци.
Компаниите Норвиџн ер и Туи ервејс, кои во Британија летаат со Боинг Макс 8, соопштија дека ги приземјиле авионите поради одлуката на властите.
Неколку авиокомпании веќе ги приземјија нивните авиони од овој тип.
Најголемиот производител на авиони во светот Боинг вчера соопшти дека ќе имплементира нов софтвер за контрола на летот во авионите од типот 737 Макс.