Бабиш - Чешка ќе ја достигне целта на НАТО за трошоци за одбрана од 2 отсто од БДП
Чешкиот премиер Андреј Бабиш се обврза дека ќе ги зголеми трошоците за одбрана на земјата до целта на НАТО од два проценти од БДП. Зборувајќи на 20-годишнината од влезот на Чешка во Алијансата, Бабиш денеска рече трошоците за одбрана се зголемуваат секоја година од 2015 и ќе продолжат да растат додека не се постигне целта. Чешка сега за одбрана троши 1,2 отсто од БДП.
„Главниот дел од работата се прави во земјите членки, во градење на нивните одбранбени способности, за да може да ги браниме членките на нашата Алијанса, ако бидат нападнати“, рече Бабиш.
Чешка, Полска и Унгарија влегоа во НАТО во 1999 година, како дел од првото големо проширување на Алијансата по завршувањето на Студената војна. Тринаесет од 29 земји-членки на НАТО беа дел од Варшавскиот пакт. Полскиот премиер Матеуш Моравјецки рече дека членството во НАТО е „еден од последните чекори во сечењето на постокомунистичката папочна врвца“.