Заев ќе претседава со следниот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација на ЕУ
Премиерот Зоран Заев ќе претседава со состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација што на 19 овој месец ќе се одржи во Брисел.
Од Владата попладнево соопштија дека со оглед на ротирачкото претседателство со Советот за стабилизација и асоцијација предвидено е со годинашниот состанок да претседава премиерот Заев, а копретседавач од страната на ЕУ ќе биде високата претставничка на
ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини.
Во македонската делегација ќе биде и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, а од страна на делегацијата на ЕУ ќе учествува и комесарот за добрососедска политика и проширување Јоханес Хан.