Амбасадорот на САД во Косово побара од Српска листа да остане во институциите
Амбасадорот на САД во Косово Филип Коснет денеска на Твитер објави дека се сретнал со лидерите на најголемата партија на косовските Срби, Српската листа од кои побара да не ги напуштаат косовските државни институции.
„Се сретнав со лидерите на Српска листа. Дискутиравме за интересите и проблемите на српската заедница во Косово – нивните избрани претставници треба да останат во косовските институции за да работат во име на нивната заедница“, напиша Коснет.
На Твитер Коснет објави и фотографија од средбата со претседателот и потпретседателот на СЛ, Горан Ракиќ и Игор Симиќ.
Во соопштението на Српската листа се вели дека на средбата со амбасадорот Коснет во Приштина се согласиле оти мора да бидат укинати таксите на српските производи, со цел да продолжи дијалогот меѓу Белград и Приштина.