Антикорупциска отвори предмети за Матка и за АВМУ
Случајот Матка и корупција во политиката која се однесува на двајца правници во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) за време на изборен процес, се два нови предмета по кои ќе постапува Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска на денешната седница истакна дека за двата отворени предмета ќе бараат информации и документи од Општина Сарај, односно од АВМУ. Таа истакна дека за случајот Матка се одлучиле да постапуваат бидејќи институциите се прогласиле за ненадлежни. Ивановска истакна оти е можно да отворат и предмет за случајот со плажите во Струга.
На новинарско прашање до каде се претходните случаи отворени од ДКСК, беше наведено дека два предмета се затворени. Ивановска истакна дека за вработувањето на ќерката на претседателот на Парламентот Талат Џафери во ЕЛЕМ, добиле информации од компанијата, но дека ги сметаат за недоволни. Таа појасни дека ќерката на Џафери завршила Правен факултет, магистрирала со 10 и поседува правосуден испит, но оти не знае по кој критериум била избрана на конкурсот за вработување.
Таа исто така најави дека ДКСК планира да спроведе поопсежна анализа во однос на систематизацијата на вработувањата во јавните компании.