Франција против одложување на Брезит без веродостојна стратегија од Меј
Франција ќе се спротивстави на одложувањето на датумот за Брегзит, што го побара британската премиерка Тереза Меј, доколку таа не го оправда барањето со „веродостојна“ стратегија, изјави денеска шефот на француската дипломатија Жан-Ив Ле Дриан, пренесува новинската агенција Франс прес.
„Ситуација во која премиерката Меј нема да биде во можност да му претстави доволни гаранции на Европскиот совет за веродостојна стратегија, ќе доведе до одбивање на барањето за одлагање на Брегзит“, рече тој, додавајќи дека во таква ситуација можеби би претпочитал Брегзит без договор.
Портпаролот на француската влада, Бенжамин Гриво, претходно денеска изјави дека Велика Британија треба да ги претстави причините за одлагање на датумот за Брегзит, кој е предвиден за 29 март.
Меј побара од Европскиот совет одложување на Брегзит до 30 јуни.
Одложувањето треба едногласно да биде прифатено од сите членки на Унијата, а лидерите на ЕУ ќе разговараат за тоа на дводневниот самит кој почнува утре во Брисел.