СЕ до Тирана: Зајакнете ја заштитата на правата на малцинствата, меѓу кои и македонското
Албанија признава девет национални малцинства, романско, бошњачко, бугарско, египќанско, грчко, црногорско, македонско, ромско и српско. Во четвртото мислење за Албанија, Советодавниот комитет на Рамковната конвенција на Советот на Европа за заштита на националните малцинства (РКНМ) ја повикува Тирана да обезбеди законот на земјата за заштита на националните малцинства да може ефикасно да се спроведе со донесување дополнителна легислатива, јавува дописникот на МИА од Стразбур.
Во извештајот на Комитетот е опфатена и положбата на македонското национално малцинство во Албанија, за кое, како што стои во извештајот е обезбедена настава на мајчиниот јазик само во шест училиштата во областа на Корча. Од друга страна, инцијативата за
создавање на паралелки за настава на македонски јазик во Требишта, беше попречена од страна на регионалните дирекции за образование, наведуваат експертите на Советот на Европа.
На македонски јазик во Албанија се емитуваат програми на радиото и телевизијата, но претставниците на малцинствата сметаат дека тие се ретки и не се доволни.