Весели: Вучиќ ги поттикнува провокациите за да предизвика тензии
Претседателот на косовското Собрание Кадри Весели, по денешното разрешување на министерот за администрација и локална самоуправа во косовската Влада од редовите на Српската листа (СЛ) Иван Теодосијевиќ, оцени дека тој е сменет поради говор на омраза кон Албанците, но оти тие провокации се поттикнуваат од претседателот на Србија Александар Вучиќ, јави дописникот на МИА од Приштина.
Весели на својата страница на Фејсбук напиша дека намерата на Вучиќ е да предизвика тензии на Балканот и во Косово и порача дека Приштина „нема да дозволи Косово да послужи некому во Србија за да остане на власт“.
Тој ја повика Европската унија да реагира на, како што вели, „отворените провокации од Србија и Вучиќ“. Инаку косовскиот премиер Рамуш Харадинај денеска го разреши министерот од редовите на СЛ Теодосијевиќ, затоа што ги нарече Албанците „измамници и крвопијци“, а масакрот во Речак во 1999 година „измислица“.