Процесот на пристапување во ЕУ е инвестиција во мир и безбедност
Претседателите на парламентите на земјите-членки на ЕУ денеска се изјаснија за продолжување на процесот на пристапување за земјите од Западен Балкан како придонес за безбедноста и стабилноста, јавува МИА. Во заклучокот од дводневната конференција одржана во Виена, тие ги повикале земјите од Западен Балкан да продолжат со реформите.
„Одржувањето на европската перспектива за сите земји од Западен Балкан е инвестиција во мир, демократија и безбедност“, се вели во документот.
Во исто време, земјите од регионот биле повикани да ги надминат постојните конфликти и да ја зајакнат регионалната соработка и да воспостават добрососедски односи. Во заклучокот од конференцијата посебно е поздравен Преспанскиот договор меѓу Грција и Северна Македонија, кој може да биде пример за зајакнување на добрососедските односи меѓу другите земји во регионот.