МОН со активности за случајот со интернет играта во битолското училиште
Министерството за образование и наука информира дека ја следи состојбата и во координација со другите институции презема соодветни активности за утврдување на причините за појавата на случајот со интернет играта во основното училиште во Битола, како и превенција од евентуална појава на нови случаи.
Од досегашните информации, од Министерството велат дека не станува збор за масовна појава.
До училиштата е доставен указ да го подигнат степенот на внимателност и интеракција со учениците, вклучувајќи и внимателност околу спроведувањето на комуникациите преку интернет, а воедно и зголемена индивидуална комуникација со учениците.
Од МОН велат дека е дадена насока учениците детално да се информираат за можните ризици од учеството во ваков тип на игри, и да се интензивира и комуникацијата со семејствата на учениците.