Русите се обиделе да се мешаат во изборите, но кампањата на Трамп не соработувала со нив
Американскиот јавен обвинител Вилијам Бар рече дека истрагата на специјалниот советник Роберт Милер нашла докази дека Русија се обидела да влијае врз американските претседателски избори во 2016 година, но дека не биле најдени докази дека претседателот Доналд Трамп или членови на неговиот тим соработувале со Русите.
„По речиси двегодишна истрага, илјадници судски налози, стотици налози и интервјуа со сведоци, специјалниот советник потврди дека руската влада спонзорирала напори за нелегално мешање во претседателските избори во 2016 година, но не откри дека кампањата на Трамп или други Американци биле здружени во тие напори“, рече Бар пред да му го претстави на Конгресот и на јавноста редактираниот извештај на Милер.
Бар исто така рече дека извештајот на Милер не прикажал докази дека Трамп се обидел да ја попречи правдата за време на истрагата за руските обиди за мешање во изборите.
Со тоа, тој ги повтори заклучоците од писмото што му го испрати на Конгресот на 24 март во кое на четири страници го сумира речиси 400 страници долгиот извештај на Милер.
Во образложението за редактирањето на извештајот за јавно објавување, тој рече дека ниеден материјал не бил скриен врз основа на „извршните привилегии“ на Трамп, иако дека претставници на Трамп имале увид во редактираниот материјал.
Материјалите им се доставени на Конгресмените, а наскоро ќе бидат и јавно објавени.