Фејсбук забрани неколку крајно десничарски организации во Британија
Фејсбук денеска соопшти дека забранил неколку крајно десничарски организации во Велика Британија и нивните лидери, вклучувајќи ја и Англиската одбранбена лига, поради промовирање омраза и насилство.
Другите исклучени организации од Фејсбук и од Инстаграм се Витезите Темплари, Британија прво, Британската национална партија (БНП) и Националниот фронт.
Фејсбук соопшти дека ги забранил групите поради прекршување на политиката против „терористички активности, организирана омраза, масовни или сериски убиства, трговија со луѓе или организирање насилства или криминални активности“.
„Постовите или содржините со кои се изразуваат пофалби или поддршка за овие групи исто така ќе бидат забранети“, се наведува во соопштението од Фејсбук.
Поранешниот лидер на БНП, Ник Грифин, и лидерите на Британија прво, Пол Голдинг и Џајда Франсен, се меѓу поединците чии профили беа избришани.
Витезите темплари соопштија дека се ужаснати од одлуката и ги испитуваат правните опции.