Русија забранува извоз на нафта и јаглен во Украина
Русија ќе забрани извоз на нафтени производи и јаглен во Украина од 1 јуни, според владиниот указ кој денеска го потпиша премиерот Дмитри Медведев. Како што пренесува руската новинска агенција ТАСС, Медведев ја образложил оваа мерка со одлуката на Украина од пред неколку дена да го прошири списокот на руски производи забранети во Украина, што ја принуди Русија да преземе возвратни мерки.
Од 1 јуни, јагленот, нафтата, нафтените деривати и уште неколку руски индустриски производи нема да може да се продаваат во Украина. Ќе биде потребна посебна дозвола за нивен извоз, рече рускиот премиер, но не кажа кои се условите за добивање дозвола.
Според указот, се забранува и увоз на украински стоки во Русија, од облека и обувки, преку хартија и картон, до тешка опрема и челични цевки за нафтената индустрија.
Минатата година вредноста на таа увезена стока била 250 милиони долари, рече Медведев.