Сиљановска: Резултатот покажува политички земјотрес,СДСМ: Земјотреси во политиката правеше Груевски
Кандидатката за претседател, Гордана Сиљановска Давкова, денеска изјави дека резулатот од гласањето во првиот круг не го гледа само како гласање за враќање на ВМРО-ДПМНЕ, туку и како гласање за Гордaна Сиљановска Давкова. Погледнете ги резултатите во главниот град, во најголемите урбани центри во Македонија и ќе го видите политичкиот земјотрес, рече таа.
'"Не треба да сте експерт по избори за да заклучите дека во историјата на европските избори се нема случено ваков колапс на легитимитетот. За 18 месеци да изгубите 40 отсто од гласачите, или околу 200.000 гласачи, е силно предупредување не само за претседателски избори, туку и за очекуван пораз на следните парламентарни избори” изјави Сиљановска.
За најавата на лидерот на СДСМ, дека без оглед на резултатот од вториот круг од претседателските избори, ќе има „чистка“, таа наведе дека примерот во една држава секогаш треба да доаѓа од носителите на највисоките функции.
„Во ЕУ се оди и датум за преговори се добива само со беспоштедна битка со корупцијата, криминалот, непотизмот, само на крилјата на владење на правото. Немаме веќе друг избор, се покажа како се повторува моделот на управување. Мора да посегнеме по радикални промени“ додаде таа.
Во реакцијата на СДСМ која уследи по изјавата на Сиљановска од партијата невадуваат дека „политички земјотреси во земјава правеше Груевски”, и оти „тоа е речникот и матрицата на Сиљановска, а граѓаните нема да дозволат враќање на режимот”.
“Криминал, корупција, неправда, непочитување на основните човекови права и слободи, монтирани судски пресуди, затворање медиуми, прислушувања, насилства врз студенти, пратеници, обиди за убиства, изолација, аболиција за криминал…. тоа беа земјотресите на Никола Груевски и Ѓорѓе Иванов кои 11 години на штета на граѓаните и државата” се вели во реакцијата на СДСМ
Од таму посочуваат дека гласот за Сиљановска е глас за враќање на режимот на Никола Груевски и неговите земјотреси, криминалот, корупцијата, неправдата, злоупотребите.