Лидерите на Западен Балкан на 8 мај на самит на ЕБРД во Сараево
Лидерите на земјите од Западен Балкан ќе се соберат на 8 мај во Сараево на самит кој ќе се одржи во рамки на Годишниот состанок на Одборот на гувернери на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД).
На самитот ќе се обрати претседателот на ЕБРД, Сума Чакрабарти и претседателот на Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ, кој ќе ја отвори средбата на високо ниво. Најавено е присуство на претседателите на Црна Гора, на Косово и на Србија, Мило Ѓукановиќ, Хашим Тачи и Александар Вучиќ, како и на премиерите на Северна Македонија и на Албанија, Зоран Заев и Еди Рама.
Во најавата за овој настан се додава дека форумот е составен дел од политиката за проширување на ЕУ, а сегашното ниво на соработка е едно од најголемите достигнувања на Западен Балкан. Меѓутоа, како што се наведува, остануваат голем број предизвици кои мора да се решат за да се ослободи целосен потенцијал за раст и да се зголеми привлечноста на регионот за странски инвеститори.