Светските сили ја следат ситуацијата во Венецуела
Џон Болтон, советник за национална безбедност на американскиот претседател ја повика венецуелската армија да го поддржи опозицискиот лидер во Венецуела Хуан Гваидо. Болтон на Твитер напиша дека војската мора да го заштити Уставот и народот во Венецуела и да застане на страната на Националното собрание и легитимните институции против узурпацијата на демократијата. Од Белата куќа соопштија дека претседателот Доналд Трамп бил информиран за настаните во Венецуела и дека ја следат ситуацијата.
Гваидо претходно соопшти дека ја започнал „последната фаза“ од неговиот план за соборување на претседателот Николас Мадуро, тврдејќи дека ја има поддршката од војската. Владата на Мадуро ги осуди тврдењата на Гваидо како обид за државен удар.
САД и уште педесетина други земји го признаа Гваидо како привремен претседател на Венецуела. Русија, Иран, Кина и Куба се меѓу земјите кои го поддржуваат претседателот Николас Мадуро. Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин разговарал за ситуацијата во Венецуела, меѓу другите теми, со членовите на неговиот Совет за безбедност.