Сиљановска ги одби „На Мегдан“, оти не биле легитимни револуционери
Кандидатката за претседател на државата Гордана Сиљановска- Давкова ја одби понудата на иницијативата „На Мегдан“, велејќи дека не се репрезентативни за некои кои се нарекуваат револуционери.
„За да бидете револуционер треба да бидете наспроти власта. Не сум чула пратеници, министри, членови на бордови да бидат револуционери“, рече Давкова.
Иницијатива „На Мегдан”, ја сочинуваат, како што велат, група од разочарани и неопределени активисти и поранешни членови на Шарената револуција. Од иницијативата вчера ги поканија на дебата двајцата кандидати за претседател.
Од Иницијативата на Фејсбук пишуваат дека се разочарани од одбивањето на нивната покана од страна на Гордана Сиљановска.
„Професорке, за легитимитетот на нашиот активизам можат да говорат луѓето кои ги делеа улиците со нас. Тие веќе го прават тоа и ние со задоволство дискутираме со нив на оваа тема. Но, тоа не е едно од прашањата кои се упатени кон Вас“, пишуваат од „На Мегдан“.
Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски ја прифати понудата на иницијативата.