Влада - Ако нема позитивен одговор од ЕУ тоа ќе ги демотивира другите земји
Извори од Владата изразуваат оптимизам дека земјата ќе добие зелено светло за почеток на преговори со ЕУ во јуни. По неформалниот Самит за Западен Балкан во Берлин, од Владата брифираат дека на сите во ЕУ им било јасно дека оваа година Северна Македонија мора да ги почне претпристапните преговори. Таа одлука, според Владата, ќе зависи од сплет на околности – од една страна продолжувањето на спроведувањето на домашните реформи, од друга страна случувањата во самата Унија, во чии земји членки почна кампања за изборите за Европскиот парламент.
Освен реформите и случувањата во самата Унија, суштинско во моментов е успешно завршување на вториот круг од претседателските избори, велат од Владата.
Од Владата велат дека постапувањето на ЕУ во однос на процесот на интегрирање на Македонија ќе има влијание и врз натамошните случувања во регионот и дека стабилен Балкан е во интерес на Унијата.
„Доколку ЕУ не одговори позитивно на сите чекори кои земјава ги презела, тогаш може да се предизвика демотивирачки ефект врз другите земји, кои не би пристапиле кон решавање на меѓусебните спорови, бидејќи би сметале дека нема да бидат вредувани од Унијата“, велат извори од Владата.