Пендаровски беше „На мегдан“, Сиљановска во Чаир побараа поддршка
Претседателскиот кандидат, поддржан од власта, Стево Пендаровски, денеска учествуваше на настан организиран од иницијативата „На Мегдан“, во која се дел од учесниците во Шарената револуција. Тој одговарајќи на прашања по настанот рече дека амнестијата на дел од обвинетите за случувањата од 27 април во Собранието, е направена поради перспективите, од политичка смисла, за државата што се отвораат во насока на реализација на стратешките цели.
Тој рече дека е нужно да се смениме изборниот модел и да има една изборна единица наместо шест, по можност без праг или со минимален праг.
Кандидатот за претседател на коалицијата на власт рече дека како иден претседател нема да потпише закони за кои нема да има јавна расправа посебно во однос на сферата од Урбанизмот и просторното планирање.
Кандидатката за претседател Гордана Сиљановска - Давкова пак ја одби поканата на „На мегдан“, велејќи дека не се легитимни револуционери.
Таа денеска на средба со граѓаните на општина Чаир побара уште помасовна поддршка во вториот круг на претседателските избори закажан за 5 мај.
Сиљановска - Давкова пред граѓаните посочи дека доколку победи на изборите ќе ја донесе правдата во Република Македонија, потенцирајќи дека таа ќе биде жена претседател на сите граѓани без разлика на нивната етничка, верска или политичка определба.
Таа додаде дека сè она што ветила пред граѓаните ќе го исполни.