Арктичкиот совет без финална декларација поради САД
Учесниците на средбата на Арктичкиот совет во Финска не успеаја да издадат финална декларација, наводно поради одбивањето на САД во документот да бидат спомнати климатските промени. Финскиот министер за надворешни работи Тимо Соини изјави дека финалната декларација ќе биде заменета со изјави на министрите, без да даде дополнително објаснување.
Температурите во Арктичкиот регион растат двојно повеќе отколку во останатиот дел од светот. За прв пат Арктичкиот совет кој на секои две години одржува министерски средби од 1996 година нема да издаде финална декларација.
Средбата требаше да резултира со двегодишна агенда за справување со климатските промени преку одржлив развој. Арктичкиот совет е составен од САД, Русија, Канада, Данска, Финска, Исланд, Норвешка и Шведска.