Трамп е на чекор од воен судир со Иран?
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го пренасочи носачот на авиони „Абрахам Линколн“ на Блискиот Исток бидејќи се очекува Иран да се откаже од договорените обврски за замрзнување на својата нуклеарна програма. Трамп се наоѓа најблиску до воен судир со Иран во својот досегашен мандат, откако ги пренасочи воените бродови на Блискиот Исток, со цел да одговорат на она што вчера официјални претставници го нарекоа „зголемени закани на Иран кон американски војници и објекти“, објавија неколку западни медиуми меѓу кои и Ци-Ен-Би-Си и Политико, а пренесе МИА.
„Трамп е на инчи од воена конфронтација со Иран“, објави Политико.
Вршителот на должност министер за одбрана на САД, Патрик Шенахан истакна дека одобрил испраќање ударни групи бродови, предводени од носач на авиони, како и испраќање бомбардери на подрачјето на Блискиот Исток, поради, како што тврди, „кредибилни закани од силите на иранскиот режим“.
Тој додаде дека САД „го повикуваат иранскиот режим да престане со провокации“. – Ќе го сметаме иранскиот режим одговорен за каков било напад врз американските сили или наши објекти, напиша Шенахан на Твитер.