Романците ја отфрлија промената на законите за антикорупција
Романците со големо мнозинство ги отфрлија мерките на кои се гледа како на отежнување на борбата против корупцијата во земјата, според прелиминарните резултати од референдумот за прашањето. Гласањето за промените во судскиот систем и законот за антикорупција на владејачката Социјалдемократска партија се одржа заедно со европските избори.
Со избројани повеќе од две третини од гласовите, околу 80 отсто одговориле со „да“ на двете прашања на референдумот. Првото прашање гласеше: Дали ја поддржувате забраната за амнестија и помилување во случаи поврзани со корупција?
Второто прашање гласеше: Дали ја поддржувате забраната за усвојување на владините итни прописи во полето на криминалот, казните и судската реорганизација и проширување на правото на жалба директно во Врховниот суд?
На референдумот излегле 41 отсто од гласачите, а за тој да биде успешен потребна е излезност од 30 проценти. Претседателот Клаус Јоханис кој повика на одржување на референдумот, порача дека гласањето било успешно и дека Романците се спротиставиле на обидите на власта, која сакала повторно да ја направи земјата една од најкорумпираните во ЕУ.