Африканската Унија го суспендираше Судан поради немирите во земјата
Советот за мир и безбедност на Африканската унија (АУ) денеска објави дека Судан нема да може да учествува во активностите на организацијата поради немирите во земјата. Советот на Твитер објави дека суспензијата ќе остане на сила до "ефективното воспоставување" на транзиционите цивилни власти и дека ова е единствениот начин Судан да излезе од сегашната криза.
Најавата следува по состанокот во врска со кризата во Судан денес, откако беше објавено дека 108 лица загинаа во тридневниот конфликт меѓу суданската армија и демонстрантите. Претседателот на Комисијата Ау Муса Факи Махамат остро го осуди насилството во Судан оваа недела и го повика владејачкиот Преоден воен совет да ги заштити цивилите од понатамошни повреди.
Преодниот воен совет управува со Судан откако војската во април под притисок на демонстрантите го собори долгогодишниот автократски претседател Омар ал-Башир од власт. Демонстрантите бараат од цивилната влада да го преземе управувањето со земјата, а односите меѓу армијата и демонстрантите неодамна станаа напнати, по неуспешните преговори.