Чавушоглу бара конкретни чекори за ФЕТО, Димитров порача дека има политичка волја
Нашите очекувања се јасни и сакаме да видиме конкретни чекори, и важно е заеднички да продолжиме, да има резултати во борбата против тероризмот, изјави шефот на турската дипломатија Мевљут Чавушоглу во однос на движењето на ѓуленистите или како што Турција го нарекува ФЕТО (Фетулистичка терористичка организација) на заедничката прес-конференција со неговиот домаќин министерот Никола Димитров.
„Но, Турција не поддржува, во своја земја не дозволува да дејствува ниту една терористичка организација која е закана за пријателите на Турција. ФЕТО не е закана само за Македонија, а добива поддршка од разни земји и разузнавачки служби“, рече Чавушоглу.
Според него, затворањето на весникот „Заман Македонија“ е едно од првите позитивни чекори и истакна дека се работи и за стабилноста и безбедноста на нашата земја и затоа „ФЕТО треба да биде искоренета“.
Димитров порача дека во смисла на политичка волја ќе направат се да помогнат и дека постои извонредна соработка меѓу разузнавачките служби на двете земји за ФЕТО. Според него, немаат докрај одврзани раце, бидејќи има и домашен и меѓународен правен систем, што треба да се следат.
„Процедурата за многу од овие лица е во тек и во Основниот суд Скопје 1 и во Јавното обвинителство. Разговараме и за тоа до каде е процедурата, што се случува“, информира Димитров.