За власта приходите во буџетот реализирани, за опозицијата ветувањата се неостварени
Заменик-министерката за финансии Ширет Елези, образложувајќи ја Завршната семетка на Буџетот за 2018 година што денеска беше на дневен ред на собраниската Комисија за финансирање и буџет изјави дека приходите во минатата година во Буџетот се реализирани во согласност со очекувањата. Таа рече дека расходите се извршувале редовно и навремено, а дефицит бил помал од проектираниот и изнесува 1,8 отсто од БДП
"Вкупните приходи на Буџетот се реализираа во износ од 188,5 милијарди денари и истите се наменија за финансирање на расходите реализирани во износ од 200,1 милијарди денари. Остварувањето на приходите и расходите во наведените износи резултираше со дефицит на Буџетот во износ од 11,5 милијарди денари, при што истиот бележи помала реализација во однос на планираниот за 6,5 милијарди денари и е реализиран на ниво од 1,8% од БДП" рече заменик-министерката.
Таа потенцира дека минатата година имало одлична наплата на даночни приходи со 99,9 отсто реализација од проектираното или во споредба со претходната година наплатата била подобра за 9,4 отсто.
За опозицијата, 2018 година е една од најлошите години финансиски, со неостварени ветувања и потфрлања кај капиталните инвестиции.
Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека завршната сметка е вистинска слика каде власта ги потрошила парите на граѓаните и дека оваа завршна сметка треба да биде освестувачки документ дека повеќе не може вака да се продолжи.
"Ништо не остваривте. Имате само сомнителни тендери. Се нешто сомнително и се за што немате аргумент да го побиете. Од една страна направивте целокупната атмосфера и се ова дека ВМРО е криминално и дека има криминали. Вие за две години направивте ршум и граѓаните не знаат повеќе на кого да веруваат. навистина како политичари доволно е да се надмудруваме. Но, еве оваа завршна сметка од 2018 година нека ви биде документ за освестување дека не може повеќе така. Почна со 0,9 отсто првиот квартал, се стигна до 2,7 отсто" рече Кузмановска.
Таа оцени дека има слаба реализација и потфрлање на капиталните инвестиции во патната инфраструктура, образование, здравство и социјала, оценувајќи дека во 2018 година има целосно потфрлање кај капиталните инвестиции.