Се шири пожарот во Иркутск, горат над 720.000 хектари шума
Во последните 24 часа пожарите во Иркутск, Русија, зафатија дополнителни 7.300 хектари, со што површината зафатена од огнот се зголемила на повеќе од 720 илјади хектари, соопштија денес од регионалната влада, пренесоа светските новински агенции.
Руската служба за заштита на шумите соопшти дека претходно во тешко достапните подрачја биле запалени околу 2,8 милиони хектари шума, а најголемите пожари биле пријавени во регионот Јакутија каде што изгореле 1,1 милион хектари шума, како и во Краснојарск каде што изгореле 1 милион хектари, па следува Иркутск.
Во гасењето на пожарите кои што го уништуваат Сибир учествуваат 2,700 луѓе, а од Краснојарск биле испратени два воени транспортни авиони од типот Иљушин Ил-76 кои можат да понесат по 42 тони вода.