Османи: Злоупотребата на „Рекет“ ни штети пред меѓународните партнери
Вицепремиерот Бујар османи денеска побара брза и ефикасна истрага на случајот „Рекет“, но и тој да не се злоупотребува во дневно-политички цели, бидејќи, како што рече, тоа може да ја загрози македонската позиција кај меѓународните партнери на државата.
Нагласувајќи дека остануваат неполни два месеца од клучните состаноци на ЕУ, на кои тој очекува потврдата за почнување преговори, апелираше до сите „да излезат од партиските матрици и да обезбедат стабилна, просперитетна, европска иднина на земјата“.
„Евтината злоупотреба на „Рекет“ е израз на незрелост и неодговорност и ја загрозува нашата позиција како сериозна земја кај меѓународните партнери“, рече Османи и додаде дека посетил повеќе европски земји, а последната од нив Данска, и дека впечатокот и пораките што го добил се дека Република Северна Македонија заслужува и треба да очекува одлука за почеток на преговори оваа година.