Трамп спремен за средба со Рохани ако околностите го дозволат тоа
Претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп рече дека би се согласил на средба со иранскиот претседател Хасан Рохани ако околностите го дозволуваат тоа. Тензиите меѓу Иран и САД се зголемија откако Вашингтон минатата година се повлече од договорот за нуклеарните активности на Техерен постигнат со светските сили во 2015 година.
Другите пет земји потписнички, меѓу кои Франција, Британија и Германија останаа посветени на договорот со кој Техеран се согласи да ги намали своите нукеларни активности во замена за олеснување на санкциите.
Трамп денеска зборувајќи на Самитот на Групата седум (Г7) кој се одржува во француското одморалиште Бијариц рече дека тие не сакаат нуклеарно вооружување и балистички ракети. Тридневниот самит на Г7 доживеа пресврт откако иранскиот министер за надворешни работи Џавад Зариф дојде во кратка ненајавена посета за да разговара за дипломатско решение за нуклеарната програма на Техеран. Тој по петчасовен престој го напушти Бијариц, а претходно разговараше со францускиот претседател Емануел Макрон и со дипломатите на Франција, Германија и Британија.